јавете се за бесплатна консултација: 02/3224-711 
E-мaил подршка: biznis@tc.mk -  skype: trgovskicentar

Настан: Анализа на состојбата со е-трговијата во Македонија

Објавено на од

Одамна говориме дека е потребна поголема и темелна активност на државата и поважните субјекти вклучени во е-трговијата за нејзин побрз развој. Исто така јасна е потребата за нивна меѓусебна континуирана координација. Овие идеи се споија во анализата на состојбата со е-трговијата во Македонија, која се подготвуваше во изминатиот период, и денеска доживеа своја промоција.

Денеска присуствував на симпозиум на оваа тема кој се одржа во Скопски Саем, организиран од Министерството за информатичко општество и администрација(МИОА) и од проектот е-Влада финансиран од УСАИД. Целта на настанот беше презентација на темелната анализа за состојбата на е-трговијата во Македонија, нарачана од МИОА и изготвена од г-дин Дарко Јаневски во рамки на проектот за е-Влада. Анализата содржеше темелен пресек на состојбата и предлог решенија за нејзино подобрување. Дополнително целта беше врз основа на анализата да се развие дебата за конкретните решенија кои би довеле до забрзан развој на е-трговијата во Македонија.

Документ: Анализа на состојбата со е-трговија во Македонија

 

Настанот го отвори г-ѓа Елена Стаматоска, директор на проектот е-Влада под УСАИД. Понатаму говореше министерот г-дин Иво Ивановски, кој ја потврди важноста на е-трговијата за Македонија и решеноста на владата да го помогне развојот на овој пазарен сектор. Од официјалните говорници, г-дин Дарко Јаневски говореше последен и го презентираше суштинскиот материјал на овој симпозиум, самата изготвена анализа за состојбата. Од голем број гости и учесници имаше честитки за иницијативата, успешниот настан и одлично подготвенатата анализа. Гости на настанот, освен министерот Иво Ивановски, беа високи представници на банкарскиот сектор, ИТ секторот, трговците, стопанските комори и други.

Анализа на е-трговија во Македонија

г-дин Дарко Јаневски од проектот за е-Влада

 

Со сублимирани впечатоци од настанот, сакам на раат да ги пренесам моите ставови за најинтересните теми кои беа дискутирани.

Значење на е-трговијата за општеството

Е-трговијата претставува еволуција на размената на добра и услуги, која овозможува оптимизација на клучен процес за едно општество. Меѓу придобивките се: намалување на трошоците, демократизација-либерализација на трговијата, достап на добра и услуги од секоја локација, интеракција и достапност на деловни и кориснички информации, ефикасна и економична комуникација без граници, подобра даночна ефикасност, итн. Со други зборови, потенцијалната придобивка е слободна и ефикасна размена на добра и услуги, со тотален квалитет на процесот. На тој начин директно се подобрува бизнис климата и стандардот на живот. Реализацијата оваа визија е поттик за развој и на голем број други деловни и приватни сегменти во општеството: претприемништвото, издаваштвото, извозот, глобализацијата, мулти-културноста, активизмот, хуманоста, продуктивноста, забавата, итн. Затоа треба ентузијастички да ја прифатат и да ја поддржат сите: државата, компаниите и населението. Денешниот настан беше одраз на овој заеднички интерес.

Оптимален начин за брз и одржлив развој на е-трговијата во Македонија

Имајќи предвид дека Македонија е мал пазар за е-трговија кој е во развој и моментално не гарантира брз поврат на инвестиција, се поставува прашањето за исплатливоста на бавењето со интернет трговија. Инвестицијата, оперативните трошоци и ризиците асоцирани со е-трговијата се најголем ограничувачки фактор за развојот на пазарот во Македонија. Овие практични фактори се поограничувачки отколку свеста на трговците и населението. Впрочем тоа го потврдуваат и јавните податоци за купувањето од странски е-продавници, кое има солиден обем.

Елиминирањето на инвестицијата, трошоците и ризиците преку интеграција и синергија се клуч за брзиот и одржлив развој на македонскиот пазар. Ниската вкупна вредност на македонскиот пазар треба да се усогласи со високите трошоци и ризици за отпочнување и работа. Тоа може да се постигне само со интеграција и синергија на еко-систем кој генерира поголема вредност од збирот на деловите. Тоа го постигнува сервисот за Е-трговија на Трговски центар, кој вклучува напреден бизнис модел и специјално развиена технологија токму за оваа цел. Односно да овозможи брз развој на е-трговијата, на оптимален начин за компаниите, граѓаните и државата.

Пазарните резултати го потврдија тоа, имајќи предвид дека сервисот им овозможува да се бават со е-трговија на околу 50% од компаниите кои учествуваат на пазарот. Истовремено сервисот осигурува и висок квалитет на услуга за купувачите, што дава дополнителен импулс кон развојот. Сите што не се запознаени со комплетниот сервис за е-трговија им е достапна брошура за симнување.

Брошура : Комплетен сервис за е-трговија

Улогата на државата и провајдерите на инфраструктура во развојот

Со оглед на спомнатите ограничувачки услови на локалниот пазар и општиот интерес тие ограничувања да се надминат, неопходна е поголема активност и соработка помеѓу клучните институции. Тука би ги вброил владата, банките, платежните процесори и провајдерите на услуги за е-трговија. Ја поддржувам препораката во анализата, МИОА да врши координација на заедничките активности. Бројот на поединечни и заеднички мерки кои може да се превземат е голем, и најважно е дека со координирана акција може да се постигне голем ефект за релативно малку вложени ресурси.

Споредба со странски пазари

Заради подобро дефинирање на тукашната состојба беше начната и споредба со развиените подалечни пазари и пазарите во регионот. Јасно е дека со најразвиените пазари воопшто не може да се прави паралела, бидејќи влијаат голем број дијаметрално различни економски, социјални, гео-стратешки и други фактори. Но со соседните земји, особено со оние од бивша Југославија можеме да направиме паралела со цел да согледаме позитивни и негативни искуства. Интересен случај за тоа како не треба, е нашиот северен сосед Србија, кој има слично ниво на развој на е-трговијата со нас. Претставник од банкарскиот сектор напомена дека плаќањето со картички кај нас е позастапено, што кореспондира и со моите информации. Понатаму за илустрација, една српска веб продавница која имаше голема маркетиншка кампања(на сателитска ТВ) и голема кобрендирана поддршка од банка, доживеа неуспех за кратко време. По се изгледа Србија се откажа од безготовинските интернет трансакции, и претежно се фокусираат на плаќање во кеш, па дури и нарачки по телефон, што го поразува концептот на е-трговија. Имам податок дека тамошните најпопуларни е-комерц сајтови кои имаат голем сообраќај, всушност работат со голема загуба. Веројатно му дозволија на митот за (не)безбедноста да завладее и пребрзо се откажаа вистинската е-трговија со безготовински интернет трансакции. Дополнително локалните бизнис модели и технологии не овозможија развој и поместување од мртва точка. Веројатно на тоа се должи и интересот од Србија за лансирање на сервисот на Трговски центар и на тој пазар. Во секој случај српското искуство е многу поучно. Како позитивно регионално искуство може да се земе Хрватска, која најмногу благодарение на туризмот веќе над 5 години бележи солиден обрт во е-трговијата, за кој се проценува дека во 2012та ќе достигне милијарда евра годишно. Ние немаме таков туристички сектор, но имаме други адути.

Од споредбата позитивен е фактот што иако сме далеку зад најдобрите, барем пазарот не е заглавен во погрешна насока и е отворен за имплементација на позитивни искуства. А со напредна инфраструктура и сервис за е-трговија, и со координирана акција на најважните учесници, набрзо ќе доживее експоненцијален раст.

Работа на компаниите и граѓаните со кеш

Беше спомнат проблемот за навиката на граѓаните и компаниите да работат со кеш. Можеби станува збор за навика, но повеќе ми личи на прагматичност. Верувам дека сите субјекти многу повеќе ќе го користат картичното плаќање и наплата на интернет и општо кога условите ќе го диктираат тоа. Бенефициите се убедливи за сите, само треба да се комплетираат сите делчиња во мозаикот кој ги овозможува истите. Ова особено се однесува на компании или цели пазарни сектори кои традиционално не се ревносни плаќачи на ДДВ. Додека за граѓаните е многу поедноставно, во моментите кога тоа ќе значи поголема комоција, ефикасност и практичност, верувам дека без проблеми ќе ја користат платежната картичка. Треба засилено да се продолжи со промоцијата на таквиот метод на плаќање, бидејќи негово општо прифаќање е само прашање на време.

Вклучување на физичките лица во е-трговијата

Веројатно заради опсежноста на темата, овој сегмент беше изоставен од анализата. Во секој случај на сите ни е познат Ebay како сервис за е-трговија помеѓу физички лица и општо како водечки бренд за интернет трговија. Во Македонија засега немаме сервис кој овозможува е-трговија со интернет трансакции помеѓу физички лица. Овозможувањето на интернет трансакции помеѓу физички лица ќе доведе до легализација на голем дел од сивата економија. Тоа ќе значи повеќе пари во буџетот, поефикасна ситна трговија и купување, аукции, гаранција, квалитет на услуга. За ова да се овозможи најпрво треба да се олеснат законските одредби. Втор предуслов е систем кој ќе може безбедно и ефикасно да ја овозможи таквата трговија. Вториот предуслов во голема мерка е веќе обезбеден преку платформата на Трговски центар. Оваа сугестија треба да се вклучи во дискусијата при следните активности.

Митот за (не)безбедноста

Веќе долго време јавноста и медиумите се бават со ова, иако искуството говори дека ниту еден купувач или трговец не е оштетен во е-трговијата во Македонија. Не очекува голем развој, за кој ќе ни биде потребна сета расположлива енергија, а притоа е непрактично енергијата да ја трошиме за хранење на ирационални митови.

ПејПал во Македонија

Исто така долга е дебата и за доаѓањето на ПејПал во Македонија. Мојот став за тоа е познат. Ставовите на неколку говорници на симпозиумот го потврдуваат моето мислење дека ПејПал не е критичен фактор за развојот на е-трговијата во Македонија. Според пренесените искуства ниту би гарантирал безбедност, ниту би ги намалил трошоците. Секако дека довербата кон светскиот бренд е придобивка, но не и неопходен предуслов за развој.

Во секој случај добра утеха е што се утврди дека не е клучен фактор(да не испадне дека грозјето е кисело), бидејќи се потврдија сомневањата дека Македонија не е исплатлив пазар за ПејПал и мала е веројатноста да влезе во догледно време. Како што спомнав, нема простор за загриженост бидејќи во Македонија веќе функционираат квалитетни сервиси за процесирање на трансакции и сервиси кои ја гарантираат безбедноста на целиот процес, така што отсуството на ПејПал во голема мерка е компензирано.

За крај ќе резимирам со благодарност за оваа иницијатива до Министерот за информатичко општество и администрација, до УСАИД и проектот за е-Влада, и до Дарко Јаневски, човекот одговорен за темелната анализа на пазарот. Дополнително го потенцирам мојот оптимизам за развојот на пазарот, поткрепен со денешниот успешен симпозиум, искажаната поддршка од владата и подготвеност за конкретни активности и развојните активности на сервисот за Е-трговија на Трговски центар. Се надевам дека препораките од анализата ќе вродат со плод и ќе има конкретни активности.

comments powered by Disqus

Испрати прашање

Испрати прашање