јавете се за бесплатна консултација: 02/3224-711 
E-мaил подршка: biznis@tc.mk -  skype: trgovskicentar

Напредни ИТ сервис модели во Македонија?

Објавено на од

Предновогодишното расположение и опуштање веќе започна, па веројатно оттаму ми дојде инспирација да дискутирам за една интересна тема. Да ја обработиме па заслужено да уживаме во празниците. Горното прашање се однесува на моделите SaaS, PaaS, IaaS и PRaaS, и делумно е реторичко, бидејки веќе има неколку срамежливи примери кај нас. Но го потенцирам бидејќи треба повеќе да се актуелизира за да се придонесе кон подинамичен развој на нашиот ИТ сектор. Едно појаснување за секој случај:

  • SaaS (Software as a service) - Хостирани апликации овозможени исклучиво преку интернет: www.crazyegg.com; www.gmail.com, www.basecamp.com.
  • IaaS (Infrastructure as a service) - Инфраструктура за хостирање, најчесто виртуелизирана(cloud): Amazon Elastic Compute Cloud (AWS), SliceHost, OVH.
  • PaaS (Platform as a Service) - Инфраструктура за хостирање заедно со софтверска рамка за брз развој: Google AppEngine, Force.com, Azure.

Ова не се модели на иднината, туку на сегашноста. Треба малку да побрзаме за да ја достигнеме сегашноста во Македонија.

Во време кога на светскиот ИТ пазар не само конзумерските, туку и бизнис апликациите мигрираат на новите сервисни модели, станува се поизвесно дека иднината на ИТ индустријата е насочена кон поголема мобилност, виртуелизација, сеприсутност и оптимизација.
Неодамешното лансирање на ChromeOS за некои претставува повторно раѓање и дефинитивно востановување на вистинскиот мрежен компјутер, кој му овозможува на корисникот квалитетен интерфејс, но и огромни придобивки од спојувањето на cloud-от со новите мрежни технологии. Ова е особено комплементарно со погоре набројаните современи модели на ИТ сервиси. Набљудувачите веднаш ги согледаа предностите особено во бизнис (enterprise) секторот, меѓу кои се едноставното пуштање во употреба, едноставно управување и значително пониски трошоци на користење. Оптимизацијата е присутна и кај самите провајдери на такви сервиси со современи модели на дистрибуција, продажба, поддршка, маркетинг. Сведоци сме на постепеното созревање на интернетот, во она што е неговата ултимативна визија: сеприсутни, ефтини и интелигентни информатички сервиси. Уште интелигентниот аспект малку недостига, но и тој е на повидок преку развојот на семантичките, сензорските и вистинските AI технологии.

Сметам дека сме многу блиску до точката(tipping point) на конвергенција и созревање на технологијата и општеството, во која ќе настане соединување и ефектуирање на потенцијалот од претходно споменатите технологии. Ќе конвергираат во нова парадигма на поврзаност, можности за креација и изобилство на сервиси. Не можеме ни да претпоставиме какви се синергиски придобивки ќе имаат корисниците и бизнисите, бидеќи ќе постои нова динамика на создавање со сопствени критериуми за креативност. Бидејќи како компанија се најдобро устроени во таа насока, веројатно тогаш визијата на Google ќе ја доживее својата грандиозна реализација, и да не ги урочам, но не би ме изненадило ако го купат Apple за 10тина години. :) Што мислите вие?

При вакви коренити промени на светската ИТ индустрија, во меѓувреме што се случува во Македонија?

За илустрација на генералната ситуација на ИТ сервисите во Македонија може да послужи прашањето на новинарот Гојко Кешељ од пред неколку недели: Зошто меѓу најпосетените сајтови во Македонија претежно имаме форуми и портали за вести, за разлика од развиените земји каде најпосетени се низа софистицирани и корисни ИТ сервиси? Очигледниот одговор е: го посетуваме она што го имаме. Имаме неколку помали и покрупни интересни сервиси, но сеуште го немаат постигнато потребниот "product/market fit". Во секој случај е прашање на време.

Кај нас се инвестираат милиони во хардвер(суперкомпјутери) иако постојат посовремени начини за on-demand процесирање. Можеби поефикасно е да се изнајмат виртуелни ресурси од некој IaaS за делче од трошокот? Дополнително се прашувам имаме ли кадар и програма кои ефективно ќе ги користат тие ресурси, пред истите да застарат?  Во секој случај инвестициите во ИТ се за поздравување, но доколку се погоди насоката нивната вредност може многукратно да се оплоди.

Во ИТ екосистемот освен силниот хардверски(трговски) сектор, имаме растечки интернет маркетинг сектор, да не го заборавиме и сеприсутниот аутсорсинг сектор и начнатиот сектор на мобилни апликации(благодарение на Vip и One). Дополнително уште неколку компании развиваат SaaS верзии од нивните решенија. И толку. Се си имаме, ни фали само најмоќното и најинтересното: софтверски сервиси со современ модел и со глобален дистрибутивен потенцијал.

Софтверскиот аутсорсинг е корисен за градење на основа (материјална и технолошка) за развој на сопствена технологија, но сам по себе е јалов во однос на продуцирање на сопствена вредност преку иновативна технологија и сервиси.  Зарем ќе останеме земја која преживува благодарение на тоа што сме најефтини, без да се обидеме да покажеме дека сме најдобри и да ги уживаме плодовите од тоа? Иако колективно ни недостига организација и стандарди, како поединци имаме доста способни луѓе, особено во ИТ индустријата. Ќе мора тоа да го искористиме, бидејќи одамна не е заситен само пазарот за хардвер. Денеска и развојот на софтвер е заситена индустрија. Тешко дека некој може во цена да се натпреварува со индијците, а дури ни тие не можат да се натпреваруваат со современите платформи кои се повеќе ја намалуваат потребата од конвенционален развој на софтвер. Со развојот на се помоќни процесно ориентирани платформи, семантички системи и формални методи за дизајн на софтвер, веројатно не е далеку денот кога програмите сами ќе програмираат(барем стандардни ЕРП апликации или колекции на сервиси). Тоа ќе биде врвниот deskilling. Се надевам нема да почнеме да ги кршиме компјутерите :)

За среќа програмерите (инженерите) секогаш можат да се фокусираат на развој на иновативни софтверски технологии и системи, кои овозможуваат дополнителна вредност. Веројатно поголемиот дел се свесни за магијата во ИТ индустријата, од ништо да направиш нешто. Оптимист сум за изгледите да се направи исчекор, преку демонстрирање на придобивките од новите модели и преку подобреното образование. Една таква демонстрација е нашиот Трговски центар, а во однос на образованието сметам најавениот нов факултет за информатички технологии, заедно со новите катедри  и истражувачки лаборатории ќе создаде кадар кој ќе може дискусијава да ја спроведе во пракса.

За крај ќе ви ги честитам празнициве и ви посакувам убав провод и среќна нова 2011та.

comments powered by Disqus
Зачлени се за бесплатен билтен